Утрински Весник
Свет

Могерини ослободена по притворот во истрагата за измама

Federika mogerini.jpg

Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и уште две лица се ослободени откако беа приведени на сослушување во истрага за измама, соопшти денеска Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).

Тројцата осомничени беа известени за обвиненијата против нив, кои вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна, се вели во соопштението.

Лицата беа ослободени бидејќи не се сметаат за ризик од бегство.

Белгиската полиција изврши претреси во дипломатската служба на Европската унија во Брисел и во елитен универзитет во Бриж. Беа претресени и домовите на осомничените.

Европската служба за надворешни работи (EEAS) и Колеџот на Европа се во центарот на истрага за сомнение за измама во врска со курс за обука за дипломати финансиран со пари од ЕУ.

Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи, моментално е директорка на Дипломатската академија на Европската унија и ректорка на Колеџот на Европа. Претходно беше раководителка на EEAS.

Според извештаите на белгиските медиуми, другите двајца осомничени се поранешен генерален секретар на ЕЕАС и заменик-директор на Колеџот на Европа.

Според EPPO, Колеџот на Европа добил задача од EEAS да спроведе програма за обука за помлади дипломати на ЕУ по тендерска постапка.

Тековната истрага се фокусира на тоа дали универзитетот или неговите претставници однапред знаеле за критериумите за избор или знаеле дека ќе им биде доделен проектот пред да биде објавен огласот за тендер, соопшти EPPO.

Колеџот на Европа објави дека целосно ќе соработува со властите.

EPPO во вчера изјави дека „постојат силни сомневања“ дека се прекршени финансиските правила и дека се протечени доверливи информации. Нагласува дека сите вклучени лица се сметаат за невини додека не се докаже нивната вина.

Можете да прочитате

Холандскиот Апелациски суд одби да ги олабави правилата за асистирано самоубиство

Средбата на Виткоф со Путин во Москва трае веќе три часа

Папата Лав ги повика САД да не се обидуваат со воена сила да го соборат Мадуро