
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека по американско-украинските разговори на Флорида „има некои тешки прашања кои сè уште треба да се решат“. Тој отпатува во Европа да бара поддршка, додека специјалниот пратеник на САД заминува во Москва за да го информира Кремљ за преговорите.
Разговорите во САД се одржаа во голф-одморалиштето на специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф. Зеленски денеска е во Париз на средба со Макрон, а утре патува во Ирска. Министерот за одбрана ќе биде во Брисел, а Виткоф утре ќе се сретне со Путин. Киев и европските сојузници бараат измени во американскиот мировен план, кој во почетната верзија ги поддржуваше главните руски барања, меѓу кои и откажување од територии и од членство во НАТО.
Преговорите се одвиваат во момент на тежок притисок за Киев ситуацијата на фронтот се влошува, а земјата се соочува и со голем корупциски скандал. Шефот на кабинетот на Зеленски поднесе оставка, двајца министри се сменети, а поранешен деловен партнер на Зеленски е осомничен. Русија не се откажува од своите барања и продолжува со бавен напредок на фронтот.
Денеска соопшти дека ја зазела населбата Клинове во Доњецк. Русија секоја ноќ ги бомбардира украинските градови – во напад врз Дњепар загинаа најмалку три лица, а 15 беа ранети. Украина возвраќа со удари врз рускиот извоз на нафта. Кремљ ги осуди нападите врз терминалот за транспорт на казахстанска нафта и врз два танкера во Црното Море.


