Утрински Весник
Македонија

Битиќи: За 30% поскапе и возачката дозвола, трошоците за живот го притискаат семејниот буџет на граѓаните

Famtir bitiki.jpeg

Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, на денешните пратенички прашања порача дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата залудно се труди да прикаже дека економската состојба во државата е розова. Трошоците за живот како што кажа Битиќи растат за секоја ставка, последно за 30% е поскапена возачката дозвола за Б категорија.

Битиќи нагласи дека со ваквото поскапување и  стекнувањето на возачка дозвола од свечен чин на осамостојување на младите стана луксузна ставка во семејните буџет. Во обраќањето, Битиќи упати прашање до министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, дали ќе се преземат мерки за овој ценовен шок и дали смета дека е прифатливо возачката дозвола да чини повеќе од една и пол минимална плата, со што директно се крати можноста на младите за мобилност и пристап до достоинствена работа.

Во продолжение е интегралното обраќање на пратеникот Битиќи:

„Во овој период додека во Собранието дебатираме за предлог-буџетот за 2026 година и од вашите сопартијци во пратеничките клупи и колеги во Владата слушаме како идниот буџет ќе донесе раст на економијата, ќе го зголеми животниот стандард, како инфлацијата ќе се заузда, сепак оваа розова приказна не поминува во реалноста.  Растот на трошоците на живот веќе ги напаѓа граѓаните од сите можни страни.

Во јавноста се објави дека цените за обука во авто-школите, за Б-категорија, се зголемени за околу 30%, односно од претходни 24.000 денари на 33.000 денари. Над 10.000 илјади денари поскапување, плус задолжителни дополнителни трошоци, како што се  250 денари за секоја посета на полигон, по 1.500 денари за користење на возило за полагање, задолжително лекарско уверение од 1.200 денари, самото полагање пак, чини 2.500 денари. И така во низа, трошок по трошок се доаѓа до вкупен износ од околу 40-42.000 денари за возачка дозвола.

Успеавте стекнувањето на возачка дозвола од свечен чин на осамостојување на младите да го направите во луксузна ставка на семејните буџет.  Со нето минимална плата од 24.379 денари, семејствата со најниски приходи се соочуваат со бариера повисока од една и пол минимална плата за само еден член на семејството да може да полага за возачка дозвола.  Ова е социјална неправда  со директни последици по мобилноста на младите, нивната вработливост и еднаквиот пристап до пазарот на трудот.

Како социјалдемократ сметам дека мобилноста е социјално право поврзано со еднаков пристап до пазарот на трудот, а не привилегија на побогатите. Правото на возачка дозвола не смее да стане класна бариера.

Со овие цени, за жал, мобилноста на младите е претворена во привилегија.

Ако Владата може со предлог-буџетот за 2026 година да издвојува милиони денари за мебел, протокол и службени возила, тогаш има обврска да обезбеди и можности за пристапна, праведна мобилност на младите, бидејќи без мобилност нема еднакви шанси, а без еднакви шанси нема праведно општество.

Државата има должност да не дозволува да се креваат ценовни огради околу основните права на движење и работата”, рече Битиќи.

Можете да прочитате

Николоски: Се надевам во новиот бран на оптимизам за проширување дека неколку поголеми и помоќни земји на ЕУ ќе се согласат и ќе извршат притисок врз Бугарија да не нè блокира

Николоски: Кога бевме опозиција отворив толку корупциски случаи, не може ова правосудство да не може да процесуира ништо

Битиќи: Власта ја ограничува мобилноста на граѓаните со високи трошоци за зелен картон