Утрински Весник
Македонија

Андоновска: Ќе работиме цела ноќ ако треба за побрзо да излезат резултатите за труењето во Влае

Screenshot 2025 11 26 161140.jpg

Екипите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) сè уште се на терен во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, поради сомнеж за труење на ученици. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, информираше дека се преземени сите мерки согласно националните протоколи и дека се собираат податоци неопходни за утврдување на можниот извор на симптомите пријавени кај дел од учениците.

„Јас сум во постојана комуникација со луѓето од нашиот тим во Институтот. Екипата сè уште не е вратена за да можам да добијам поконкретни информации – во исчекување сме да пристигнат. Но, можам да кажам дека е веднаш постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес: брисеви од вработените во кујната – од раце, грло и нос, брисеви од работните површини, како и мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и мостри од водата“, изјави Андоновска.

Таа додаде дека е во очекување екипата на ИЈЗ да се врати од терен за да може да се процени на што укажуваат направените епидемиолошки анкети. „Ако треба, ќе се работи и втора смена. Овие анализи бараат време и не можеме веднаш да дадеме конкретен одговор за што станува збор. Но, ако е неопходно, тимот ќе работи цела вечер за да се утврди причината“, нагласи таа.

Досега се пријавени девет случаи на стомачни тегоби кај ученици, а симптоми кај вработените во училиштето не се регистрирани.

Освен Институтот за јавно здравје, на терен постапуваат и екипи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои паралелно вршат контроли во училишната кујна.

Институциите најавуваат дека по обработката на сите мостри и изготвувањето на комплетните анализи, јавноста ќе биде информирана за резултатите и понатамошните мерки.

Можете да прочитате

Мицкоски кажа дека Вреди нема да добие плус ресор, еден ист човек ќе биде и вицепремиер и министер

Петрушевска: Амандманите на Левица ја покажуваат нивната хипокризија, реконструкцијата на студентските домови е веќе во тек

Коалицијата Вреди ги договори имињата на новите министри во Владата