
Агенцијата за филм на Северна Македонија со 100.000 евра ќе ја поддржи кампањата за Оскар на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска бидејќи смета дека од исклучителен национален интерес.
-Кампањата за Оскар ја поддржува „Нешенл џеографик“ (National Geographic). Целиот буџет е околу 700.000 евра, Македонија учествува со 100.000 евра што е фантастична сума во споредба со тоа каков буџет нудат регионалните фондови кои немаат ни филм што има реални шанси за Оскар, рече на прес-конференција в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Тој се осврна на успесите на македонската кинематографија оваа година, на проектите што се во тек и соопшти дека очекува четири до пет премиери идната 2026.
Мицевски посочи дека филмот „Сите го викаат Реџо“ на режисерот Ибер Деари веќе е прикажан на над 40 фестивали досега, „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски – на над 70 фестивали со 29 награди, а филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на фестивалот во Венеција.
-И покрај неповолните услови во Агенцијата за филм од 2021 до 2024 година, македонските филмаџии успеаја да останат доволно жилави за да реализираат филмски дела со кои сме сите горди, истакна Мицевски на прес-конференцијата.
Како што рече, оваа е плодна година за снимање филмови, набројувајќи ги играните „Биста/Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски, „Човек против јато“ на Тамара Котевска, „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ, „Договор“ на Сенад Абдули. Пред да почнат со снимање, рече, предвремено се исплатени и проектите „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спсуваат светот“ на Марјан Гавриловски, а наскоро средства ќе добие и Арбен Тачи за реализација на проектот „Ајал“.
Предлог-буџетот на Агенцијата за филм за следната година е 263 милиони денари или 4,3 милиони евра, со кој ќе се финансираат проекти од конкурсите за филмови, за фестивали и за играни серии.

