
Македонските репрезентативци во традиционално таеквондо остварија одличен успех на Европскиот куп „Бугарија опен 2025“, освојувајќи четири медали на собирот одржан викендов во Пловдив.
Во силна конкуренција од 788 натпреварувачи од 13 земји тие се закитија со две златни и по едно сребрено и едно бронзено одличје.
Златни во Бугарија станаа Теодора Митреска за натпреварувањето во форми за сениорки, Мики Грнчески во категоријата форми за младинци до 18 години и Божидар Димитриевиќ бронза и сребро за сениори.
Претседателот на Македонската традиционална таеквондо федерација, Марјанчо Лазаревски, задоволен од постигнатото во Бугарија, особено што се работи за медали освоени на врвни натпревари во исклучително силна конкуренција.
„Посебно ме радува кога ќе ги видам нашите натпреварувачи како даваат се од себе за да освојат медал од вакви квалитетни натпревари, пред се покажувајќи храброст и пожртвуваност, достојно претставувајќи ги боите на Македонија. Посебно пофалба до Божидар Димитриевиќ кој се закити со два медали, натпреварувајќи се во борби во две тежински категории што се одржуваа паралелно на две борилишта“, рече Лазаревски.
Тој посочи дека добар настап во Пловид имал и младиот и надежен репрезентативец, Христијан Шибакоски, кој после две победи во борбата за медал испадна во четвртфинале во тесен резултат што, според Лазаревки, покажува дека неговата форма се движи во нагорна линија и добива на квалитет.
„Сите наши натпреварувачи покажаа одлични борби, додека европската шампионка од Италија Христијана Парулеска во првата борба при водство во првата рунда се повреди и мораше да прекине со натпреварување“, додаде Лазаревски.


