Утрински Весник
Економија

Американски фонд сака пумпите на „Лукоил“

Lukoil.jpeg

Американскиот инвестициски фонд „Карлајл“ разгледува опции за купување на странските средства на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“ „во пакет“, изјавија три извори за Ројтерс.

Кон крајот на октомври, Министерството за финансии на САД воведе санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, обидувајќи се да ги ограничи буџетските приходи на Русија и нејзината способност да ја финансира војната во Украина. Неколку дена подоцна, „Лукоил“ ја објави својата намера да ги продаде странските средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со стоки „Гунвор“.


„Гунвор“ ја повлече својата понуда на почетокот на ноември откако Вашингтон сигнализираше дека нема намера да му издаде лиценца за работење. Средствата на „Лукоил“ го привлекоа вниманието и на инвестицискиот фонд „Карлајл“, изјавија вчера три извори за Ројтерс.

„Карлајл“ само што почна да разгледува опции за купување, рече еден од изворите, и би побарал зелено светло од Вашингтон пред да спроведе темелна анализа, но би можел да се откаже и од купувањето, нагласи изворот. Фондот го информирал „Лукоил“ за своите намери, рече друг извор. Американската инвестициска компанија одби да коментира за Ројтерс за наводите на изворот, а „Лукоил“ не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

„Карлајл“ е меѓу најголемите инвестициски компании во светот и управува со средства во вредност од 474 милијарди долари, забележува Ројтерс.

„Гунвор“ ја повлече својата понуда за средствата на „Лукоил“ во странство откако Министерството за финансии на САД сигнализираше дека има намера да ја блокира трансакцијата. „Карлајл ќе  може полесно да добие американска лиценца“, вели Ади Имсировиќ, директор на консултантската компанија „Сари Клин Енерџи“ и поранешен менаџер на одделот за трговија со нафта во комерцијалната филијала на рускиот „Гаспром“.

За да избегнат санкции од САД, компаниите мора да склучат трансакции со „Лукоил“ до 21 ноември. „Лукоил“ побара продолжување на тој рок, изјавија три извори во среда. „Карлајл би можел да добие добра цена, но прашањето е дали може да добие доволно време темелно да ја процени вредноста на имотот“, рече Ден Пикеринг, директор за инвестиции во консултантската фирма „Пикеринг енерџи партнерс“.

Потенцијалниот договор е дополнително комплициран од напорите на некои земји да национализираат делови од средствата на „Лукоил“, забележува Адитја Рави од компанијата за истражување на енергетскиот сектор „Ристад енерџи“.

„Лукоил“ е најактивната руска нафтена компанија во странство со децении, истакнува Ројтерс.

Нејзините странски средства вклучуваат рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, интереси во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и широка мрежа на малопродажни бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи ја и Македонија, каде што располага со 40 пумпи и склад.

Вкупно, „Лукоил“ произведува околу два проценти од светската нафта, а во фабриките надвор од нејзината матична земја произведува 0,5 проценти од светската нафта. Според поднесоците на берзата од 2024 година, вредноста на странските средства на „Лукоил“ се проценува на околу 22 милијарди долари, објавува Ројтерс. „Карлајл“ сака да го купи како пакет, а други компании сигнализираа интерес за поединечни делови.

Можете да прочитате

Ангелова: Буџетот за 2026 обезбедува зголемени средства за социјална заштита, како и за раст и редовна исплата на пензиите

Битиќи: Новиот буџет носи рекордно задолжување

ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра