Утрински Весник
Македонија

Свечен чин на Воената академија: Идните офицери дадоа заклетва пред државното раководство

Slika 1 1.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски денеска (10 ноември) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” се обратија пред новата класа од 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери кои дадоа свечена заклетва, со што и официјално го започнаа своето воено образование.

 Претседателката Сиљановска – Давкова порача дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.

 „Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности”, рече таа.

Министерот Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува одговорност, укажувајќи дека во армиското семејство „интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, вредности кои се силни и инспиративни.”

„Ве очекуваат предизвици кои ќе ја стават на тест вашата физичка подготвеност, но и психичка издржливост. Ќе научите како да ги совладате вештините на воената професија, ќе научите кога треба брзо да реагирате, да бидете одлучни, но истовремено и трпеливи”, рече тој. Додаде дека процесот на воената едукација ќе ги научи дека вистинската сила и умешност не е само во знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, туку и во посебноста на нивните карактери, во истрајноста и во вербата дека служат на нешто многу поголемо од себе.

Министерот истакна дека Академијата е симбол на извонредност, како воена установа „која повеќе од 30 години создава лидери кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.”

Деканот на Академијата, полковникот Ненад Танески истакна дека дадената заклетва значи и завет кон знамето, како и „една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја.” За свечената заклетва, рече, дека е ветување пред себе, својот народи и својата историја дека ќе ја чуваат татковината со знаење, дисциплина и љубов.

„Воената академија…веќе три децении стои на темелите на тие идеали. Нашата мисија е да создадеме современ офицер — образован, морален и одлучен, човек што ја разбира тежината на зборот должност и величината на зборот чест”, порача Танески.

Можете да прочитате

Уапсен полицаец, oсомничен е дека со уште три други лица краделе бакарни кабли од фабрика во Скопје

Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг