Утрински Весник
Македонија

Свечен чин на Воената академија: Идните офицери дадоа заклетва пред државното раководство

Slika 1 1.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски денеска (10 ноември) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” се обратија пред новата класа од 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери кои дадоа свечена заклетва, со што и официјално го започнаа своето воено образование.

 Претседателката Сиљановска – Давкова порача дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.

 „Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности”, рече таа.

Министерот Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува одговорност, укажувајќи дека во армиското семејство „интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, вредности кои се силни и инспиративни.”

„Ве очекуваат предизвици кои ќе ја стават на тест вашата физичка подготвеност, но и психичка издржливост. Ќе научите како да ги совладате вештините на воената професија, ќе научите кога треба брзо да реагирате, да бидете одлучни, но истовремено и трпеливи”, рече тој. Додаде дека процесот на воената едукација ќе ги научи дека вистинската сила и умешност не е само во знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, туку и во посебноста на нивните карактери, во истрајноста и во вербата дека служат на нешто многу поголемо од себе.

Министерот истакна дека Академијата е симбол на извонредност, како воена установа „која повеќе од 30 години создава лидери кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.”

Деканот на Академијата, полковникот Ненад Танески истакна дека дадената заклетва значи и завет кон знамето, како и „една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја.” За свечената заклетва, рече, дека е ветување пред себе, својот народи и својата историја дека ќе ја чуваат татковината со знаење, дисциплина и љубов.

„Воената академија…веќе три децении стои на темелите на тие идеали. Нашата мисија е да создадеме современ офицер — образован, морален и одлучен, човек што ја разбира тежината на зборот должност и величината на зборот чест”, порача Танески.

Можете да прочитате

Најмногу дожд наврнало во Гевгелија

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со нови материјални докази

Скопјанец во Крива Паланка се обидел да измами повозрасна жена за сума од 35.000 евра