
“Историјата нè учи дека апсолутната власт неизбежно носи искушенија и можност за злоупотреби. Добар пример за тоа е филипинскиот претседател Фердинанд Маркос, кој дојде на власт во 1965 година како реформатор, ветувајќи ред, развој и модернизација на земјата.
Во почетокот тој навистина спроведе видливи проекти – патишта, мостови, училишта и болници, започнал аграрна реформа и поттикнал индустриски раст. Но со текот на времето, власта се претвори во средство за лична контрола и богатење. Реформите станаа алиби за корупција, државните пари се прелеваа кон блиски луѓе, а економијата тонеше под тежината на долговите и клиентелизмот.
Веќе во 80-тите, Маркос владееше преку страв и манипулации. Корупцијата, убиството на опозицискиот лидер Бенињо Акино, како и масовното незадоволство поради обелоденетите финансиски злоупотреби преку неговата сопруга Имелда Маркос, го поттикнаа народното востание во 1986 година, кое го симна од власт и го испрати во егзил. Но последиците од неговото владеење – корупцијата, нетранспарентноста и контролата преку лични и семејни врски – останаа присутни и децении подоцна.
Наравоучение е дека кога една власт останува без контрола и без јавен надзор, најчесто самоконтролата исчезнува, самобендисаноста и корупцијата растат, а општеството запаѓа во вакуум на одговорност.
Затоа се потребни здрав разум, самоконтрола, општествена рамнотежа и независни институции и медиуми, во спротивно последиците ги плаќаат сите!!!”, вели поранешниот министер Кирил Миноски.



