
„Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука. Ова е одлука за судбината на нашиот град – за тоа во каков град сакаме да живееме ние и во каков град ќе растат нашите деца,“ порача кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на денешниот митинг во главниот град, во рамки на кампањата за вториот изборен круг под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“
Ѓорѓиевски нагласи дека Скопје е град со сериозни и наталожени проблеми, кои бараат искуство, знаење и конкретни решенија.
„На Скопје не му требаат експерименти. Не му требаат луѓе кои допрва ќе учат што е локална самоуправа, што е Генерален урбанистички план или буџетско планирање. На Скопје му треба човек кој знае што прави од првиот ден, затоа што градот нема време за губење,“ изјави тој.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека граѓаните веќе виделе резултати од неговата работа во општина Кисела Вода, каде што, како што рече, ветените проекти биле реализирани:
„Ветив 70 километри асфалтирани улици – испорачав. Ветив нови градинки – ги изградивме. Листите на чекање ги сведовме на нула. Работевме, не ветувавме празно.“
Во продолжение на говорот, Ѓорѓиевски потенцираше дека има јасен план и програма со стотици проекти кои ќе донесат вистински промени во Скопје.
„Ќе ја одблокираме клучката Момин Поток, ќе го пробиеме булеварот Хрватска за да ги споиме Гази Баба и Бутел, ќе го завршиме булеварот АСНОМ со нов мост за да ги поврземе Аеродром и Гази Баба. Ќе го прошириме булеварот Цветан Димов во Чаир со шест ленти, ќе го изградиме булеварот Февруарски Поход со нов мост преку Вардар и ќе воведеме трета лента на булеварот Александар Македонски за да се намали метежот на источниот дел од градот,“ посочи тој.
„Ова не се само линии на хартија. Ова се артерии кои ќе го оживеат градот. Скопје заслужува повеќе, а ние знаеме како тоа да го направиме,“ порача Ѓорѓиевски пред скопјани.





 
					