
Политичка партија поднесе тужба против одлуката на Државната изборна комисија, која ја поништи нивната листа за Совет на Град Скопје поради тоа што на неа се најде починато лице.
Управниот суд денес ја одби тужбата, со што одлуката на ДИК останува во сила.
-Сите евентуални гласови за Совет на Град Скопје кои ќе бидат дадени за оваа политичка партија ќе се сметаат за неважечки. Такви насоки се дадени на избирачките одбори во Скопје – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Вчера ДИК соопшти дека на кандидатската листа за членови на Советот на Град Скопје, поднесена од еден политички субјект, било предложено починато лице.
По добиените информации, Комисијата прибавила извод од матична книга на умрени и утврдила дека лицето не може да биде кандидат бидејќи нема лична и неотповиклива изјава за прифаќање на кандидатурата, како што налага Изборниот законик.
-Поради тоа, ДИК ја поништи потврдената листа и писмено го извести Јавното обвинителство, кое ќе ги провери податоците и ќе постапи согласно своите надлежности – додаде Кондарко.