
„Коалицијата за зелена иднина“ денеска се сретна со своите поддржувачи и случајни минувачи во паркoт во Тафталиџе, каде граѓаните испратија јасна порака: доволно е од празни ветувања и спектакли, време е за дела кои ја штитат животната средина и човечкото достоинство. Нашите кандидати разговараа со жителите, слушнаа конкретни проблеми и презентираа реални мерки за почист воздух, повеќе зелени површини и инклузивни услуги за сите.
Порачаа дека кампањата не ја водат за фотосесии или да делат симболични подароци — туку за конкретни работи: план за проширување и уредување на зелените површини, програмa за засадување дрвореди што навистина ги филтрираат штетните честички и мерливи обврски за санација на дивите депонии низ цело Скопје. А Карпош и Тафталиџе заслужуваат јавни простори кои ги штитат децата, старите и лицата со попреченост — а не уште еден бетонски проект во корист на интересите на инвеститорите.
„Нема компромис со јавниот интерес и здравјето на нашите деца — парковите не се за профитот на инвеститори, туку за игра и дишење на нашите соседи,“ изјави Александар Анѓушев, носител на листата на Коалицијата за зелена иднина за општина Карпош.
Нашата кампања е борба за инклузивно општество — пристапност на тротоарите и автобуските постојки, поддршка за подобри социјални услуги и програмска поддршка за младите и граѓанските иницијативи кои прават вистинска промена. Додека мастодонските партии продолжуваат со своите партиски калкулации, „Коалицијата за зелена иднина“ ги става граѓаните во центарот на одлуките и предлагаат транспарентни мерки што се мерливи и остварливи.
„Инклузијата и пристапноста се столбовите на нашата политика — секој пат, секое дете и секоја личност со попреченост мора да го почувствуваат резултатот од нашите планови,“ порача Љубица Шопова, кандидатка за советничка во Карпош од Коалицијата за зелена иднина.
„Коалицијата за зелена иднина“ е единствената сила што ја комбинира граѓанската енергија со политичката изведба — не се ниту активисти без реални решенија, ниту закоравени партиски машинерии. Предлагаат планови кои се со механизми за отчетност: јавни извештаи, отворени расправи и индикатори за ефективност.