
Злосторството против човештвото што Израел го изврши во Појасот Газа е едно од најстрашните поглавја во 20 и 21 век, изјави денеска палестинскиот претседател Махмуд Абас обраќајќи се на седницата на Генералното собрание на ОН преку видеопорака откако САД не му издадоа виза.
„Тоа што го спроведува Израел не е само агресија, туку е воено злосторство и злосторство против човештвото, кое ќе биде запишано на страниците на историските книги и во совеста на човештвото како едно од најстрашните поглавја од хуманитарната трагедија на 20-тиот и 21-виот век“, наведе Абас.
Тој посочи дека Палестинците го отфрлаат антисемитизмот и оти нападот на Хамас на израелска територија од 7 октомври 2023 година не го претставуваат палестинскиот народ.
„Ние го отфрламе она што Хамас го направи на 7 октомври, тоа не го претставува палестинскиот народ, ниту неговата праведна борба за слобода и независност“, посочи Абас.
Според него Хамас не треба да има никаква улога по завршувањето на војната и оти мора да го предаде оружјето.
Абас им се заблагодари на светските лидери за признавањето на палестинската држава и упати апел и другите земји да го следат примерот на Франција, Велика Британија и Канада.
– Но, симболичното признавање не е доволно за да се реши сегашниот проблем. Дојде време меѓународната заедница да се однесува праведно кон палестинскиот народ за да може да ги оствари своите легитимни права да биде ослободен од окупацијата и да не остане заложник на каприците на израелската политика што ги негира нашите права и продолжува со својата неправда, угнетување и агресија, истакна Абас.
Тој додаде дека Палестинците нема да заминат од татковината.