
Возењето под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/кг промили во крвта или возење со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, како и возењето под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори согласно последните измени на Кривичниот закон претставува кривично дело.
Членот 297-а „Безобѕирно управување со моторно возило“ во пракса значи дека овие дејствија кои претходно беа прекршочно казнувани се подигнати на ниво на кривично дело, а возачите имаат кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода.
Меѓутоа, додека полицискиот билтен секојдневно регистрира случаи на возачи кои управуваат со 2.90 промили алкохол во крвта, возат со недозволени брзини над 190 километри на час или се движат во забранет правец, загрозувајќи животи и имот, а за кои МВР информира дека поднесува пријава за „Безобѕирно управување со моторно возило“ по членот 297-а, сѐ уште не се донесени потребните законски измени и усогласувања што ја ограничува неговата целосна примена, поради што во пракса се јавуваат ситуации каде правната квалификација на делото се менува во текот на постапката, а дел од случаите се третираат како прекршоци.
Инкриминирањето на ова дело не ги „сопре“ возачите и само во првата половина од годинава евидентирани се 157 кривични пријави. Во меѓувреме се подготвуваат и нови, построги законски измени со кои се предвидува и одземање на возила. Овие измени, како што е најавено, се дел од поширокиот Проект Safe City, кој има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ја зајакне казнената политика.
Воведувањето на членот 297а е чекор напред во правната регулатива за сообраќајна безбедност. Статистиката покажува дека институциите почнуваат поактивно да го применуваат, а јавноста станува посвесна за сериозноста на делото. Сепак, за да се постигне целосен ефект, потребно е усогласување на сите релевантни закони, континуирана едукација на возачите, и засилена контрола од страна на полицијата и обвинителствата. Бидејќи безобѕирното управување не е само правен проблем – тоа е прашање на култура, одговорност и грижа за животот на другите, а почитувањето на овој член е чекор кон побезбеден, поодговорен и похуман сообраќај.
Речиси четирикратно зголемување на пријавите, само во август 82 лица биле лишени од слобода
Кривичното дело „безобѕирно управување со возило“ беше воведено со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, а неговата примена започна по 15 март 2024 година.
Во првите шест месеци од 2025 година, МВР евидентирало 157 кривични пријави за ова дело, што е речиси четирикратно зголемување во однос на претходната година, кога имало вкупно 43. Дополнително, во август 82 лица биле лишени од слобода, најчесто поради возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина.
Податоците по градови покажуваат дека во 2025 година најмногу кривични пријави се поднесени во Тетово – 23, Прилеп – 19, Кочани – 13, Делчево – 11 и Гостивар – 10.
За споредба, во 2024 година најмногу пријави имало во Кичево – 8, Македонски Брод – 8, Кочани – 6, Виница – 5 и Прилеп – 4.
Членот 297-а предвидува парична казна или затвор до три години, што претставува значајна промена во однос на претходното прекршочно санкционирање.
Јавно обвинителство: Безобѕирното управување со возило веќе е кривично дело, но примената е ограничена
Иако членот 297-а од Кривичниот законик воведе ново кривично дело – безобѕирно управување со моторно возило, Јавното обвинителство укажува дека неговата примена во пракса е сè уште ограничена, поради недонесени измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
-Со воведувањето на членот 297-а во Кривичниот законик се воспостави ново кривично дело – Безобѕирно управување со моторно возило, со кое се предвидува кривична одговорност за учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност и со тоа го загрозува јавниот сообраќај, велат од обвинителството.
Ова дело опфаќа возење под дејство на алкохол (над 1,50 г/кг), дроги, психотропни супстанции, возење во забранет правец, претекнување на непрегледно место или значително надмината брзина. За него е предвидена парична казна или затвор до три години, но бидејќи слични однесувања претходно се санкционираа прекршочно, потребно е законско усогласување.
-За да се овозможи целосна примена на кривичната одговорност и нејзино разграничување со дејствијата кои опфаќаат прекршочна одговорност, потребни се измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои сè уште не се донесени, истакнуваат од обвинителството.
Оттаму велат дека сите кривични пријави поднесени од МВР за ова дело се процесуирани од надлежните обвинителства, но правната квалификација може да се менува во текот на постапката.
Министерството за правда со нови измени во Кривичниот законик: Построги казни за сообраќајни прекршоци и одземање на возила
Министерството за правда го финализира Предлогот за измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат построги санкции за сообраќајни прекршоци, нови инкриминации и мерки за одземање на возила. Овие измени се дел од поширокиот Проект Safe City, кој има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ја зајакне казнената политика.
Работната група за измени на КЗ беше формирана на 16 јануари 2025 година. Во Предлогот ќе бидат вградени најургентните измени и дополнувања заради надминување на лоцирани недостатоци во примената на Кривичниот законик, информираат од Министерството.
Меѓу најзначајните новини е измената на членот 297-а, со која се зголемува долната граница на затворската казна за безобѕирно управување со моторно возило, а се воведува и кумулативна парична казна. Дополнително, се предлага инкриминирање на организирање и учество во недозволени трки, како и управување без возачка дозвола или со важечка забрана.
Во Предлогот е вклучен и нов член 300-б, кој предвидува одземање на моторното возило со кое е сторено кривично дело, под одредени услови. Оваа мерка ќе се применува и во случаи кога сторителот возел со значително надмината брзина, особено ако претходно бил осудуван за слични дела.
-Со наведените новини се очекува позитивно да се влијае на планот генерална и специјална превенција“, велат од Министерството, нагласувајќи дека измените се усогласени со Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Покрај тоа, се воведува и нова одредба – задолжително изрекување на забрана за управување со моторно возило во траење од една до десет години, како и можност за престанок на важење на возачката дозвола за одредена категорија.
Од Министерството за правда велат дека Предлог-законот за прекршоци веќе е во собраниска процедура, додека измените на Кривичниот законик треба да бидат усвоени од Владата пред да бидат доставени до Собранието. Обуките за примена на новите одредби ќе ги спроведе Академијата за судии и јавни обвинители.
МИА