Утрински Весник
Македонија

Промовиран електронски систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови

20250924103543 big 730x400 68.webp.webp

Нов информациски електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови”, е промовиран денеска во Министерството за здравство. Со модулот, како што рече министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција, за прв пат се отпочнува со дигитализација на постапката за ставање на нов лек на позитивна листа.

Тој посочи дека модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш откако ќе стапат во сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.


-Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, кои што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка – истакна Алиу.

Потенцира дека станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.

Алиу укажа на придобивките на новиот е-модул, а тие се: подобрено управување со барањата за Листата на лекови и ефикасност на постапката, намалување на административниот товар за фармацевтските компании кои се јавуваат како апликанти во постапката, транспарентност на постапката и размена на информации, прецизна евиденција и управување со поднесоците и лесен пристап до податоци и унапредување на пристапот за лековите на позитивна листа.

Можете да прочитате

Левица: Нема вода за Стружани – има вода за хидроцентралите на Анѓушев

ВМРО-ДПМНЕ со број 9, СДСМ со број 5 на локалните избори 2025

Андоновски: Централниот регистар нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија