Утрински Весник
Свет

Вонреден состанок на Советот за безбедност утре поради упадот на руски авиони во Естонија

20250921140100 big 730x400 44.webp.webp

Естонското Министерство за надворешни работи објави дека утре ќе се одржи вонреден состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) на негово барање, поради упадот на три руски авиони во естонскиот воздушен простор.

Три руски ловци МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив и останаа таму 12 минути, предупредија Естонија и НАТО во петокот.


„Итен состанок на Советот за безбедност на ОН ќе се одржи на 22 септември како одговор на флагрантното кршење на естонскиот воздушен простор од страна на Русија во петокот“, објави денеска естонското Министерство за надворешни работи.

Ова е прв пат Естонија, која се приклучи на ОН пред 34 години и е членка на ЕУ и НАТО, и силно ја поддржува Украина, официјално да побара итен состанок на Советот за безбедност.

Естонскиот премиер во петокот објави дека неговата земја ќе побара од НАТО да го активира Член 4 од Атлантскиот договор, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закана за една од членките на алијансата.

Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахна, рече дека прекршувањето е дел од поширок модел на руско однесување, „чија цел е да се тестира решителноста на Европа и НАТО“.

Пред десет дена, околу дваесет руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор, а кратко потоа руски борбен дрон остана во романскиот воздушен простор еден час.

-Таквото однесување бара меѓународен одговор, рече естонскиот министер за надворешни работи.

Тој додаде дека однесувањето на Русија „не е во согласност со одговорностите на постојана членка на Советот за безбедност на ОН“.

Можете да прочитате

Израелски министри бараат анексија на Западниот Брег по признавањето на државата Палестина

НАТО ловци повторно подигнати поради руски воен авион над Балтичко Море

Нетанјаху: Формирањето палестинска држава го загрозува постоењето на Израел