Утрински Весник
Македонија

СДСМ бара одговорност од Тошковски, независна истрага и конкретни чекори-да нема нови фемициди

Sdsm 1.jpeg

По уште еден трагичен фемицид, овојпат во Велес, каде Росица, жена која со месеци живеела во страв и неколкукратно го пријавувала насилникот, е брутално убиена, СДСМ бара итна оставка од Тошковски и кривична одговорност за секој кој со своето непостапување придонел за ова брутално убиство.

СДСМ како партија која ги донесе законските измени со кои фемицидот е препознаен како кривично дело во кривичниот законик и која прва го препозна ова злосторство како посебна, најтешка форма на насилство врз жените, остро реагира на фактот дека овој закон не се спроведува доследно.


Законот не е украс на хартија. Тој е обврска – правна, институционална и морална. Ако системот дозволил жена да биде убиена и покрај тоа што била слушната, тогаш тоа е тешка кривична и етичка одговорност.

Бараме итна и независна истрага за институционалните пропусти во овој случај. Не смее да има службеник, полициски службеник, социјален работник или било кој вклучен во системот на заштита што ќе се скрие зад бирократски оправдувања. Секој кој не постапил, а имал обврска, мора да сноси последици.

Но она што го прави овој момент уште потрагичен е што владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со своите последни законски измени прави токму спротивното од она што е потребно – наместо да гради институционални механизми за заштита, тие ги бришат.

Бришењето на родово базираното насилство од формуларите за пријава на булинг се недозволиви на што СДСМ многу пати реагираше. Со еден збор, ВМРО-ДПМНЕ преку овие измени индиректно го поттикнува насилството уште од најрана возраст.

СДСМ бара целосната имплементација на Националната стратегија за превенција и примена на одредбите од законите. Но тоа не е доволно ако институциите не работат. Затоа, ќе бараме конкретни чекори – протоколи што се обврзувачки.

Животот на секоја жена мора да биде заштитен со сила на државата. Држава што не ги штити жените, е држава што ги остава на милост и немилост на насилниците. И ова мора да запре сега.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Можете да прочитате

Петровска: Секое непостапување во случајот Росица мора да биде казнето!

ЦУК информира за четири активни пожари, Трубарево и Дрисла под контрола

Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево