Утрински Весник
Македонија

Лашкоска: Во координација со Владата, забрзано и системски работиме на санација на хидросистемот Ѓавато

5 1.jpeg

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денес присуствуваа на увид во моменталната состојба во која се наоѓа “хидросистемот Ѓавато”, кој во 2002 година беше направен за да се полни со вода Дојранското Езеро.

Имено, “хидросистемот Ѓавато” според Главниот проект, е проектиран со капацитет од 10 бунарски потопни пумпи од кои секоја пумпа испумпува 100 л/с што овозможува капацитет на системот од 1000 л/с и е планиран како повеќенаменски систем за доведување на дополнителни количини вода во Дојранското Езеро, но и за наводнување на земјоделски површини од околу 1000 ха во Богданско-Ѓавачко-Дојранскиот регион, а во исто време и за водоснабдување на регионот и за работа на хидроелектраната Топлец.


Хидросистемот во подолг временски период функционирал со оптимален капацитет и го полнел Дојранското Езеро со достаточни количини на вода, но во последните 3-4 години поради негрижа, бил оставен без редовно одржување и без тековна санација на појавените пукнатини на цевководот, и затоа постепено престанал да го полни езерото со неопходните количини на вода.

Заменик министерката Лашкоска, истакна дека со сесрдна помош од премиерот Мицкоски, министерството за животна средина и просторно плaнирање, како надлежно за хидросистемот Ѓавато, веќе работи на санирање на цевководот и на забрзана ревитализација на потопните пумпи, за што веќе МЖСПП има изготвено проектно решение и издвоени се финансиски средства, за 2025 година, во висина од   2 000 000 денари.

Таа нагласи дека веќе се работи на санација на цевководот а според договорената динамика во следните две седмици ќе бидат ремонтирани и оспособени и повеќето потопни пумпи, со што ќе му помогнеме и ќе го заштитиме, не само Дојранското Езеро, туку ги решаваме и проблемите со вода на локалните земјоделци и на жителите на Дојран и Богданци.

Премиерот Мицкоски во својата изјава потенцира дека:

“На следната седница на Влада ќе донесеме одлука фабриката за опрема и делови, во  склоп на “РЕК Битола” да демонтира две пумпи, да ги санира и потоа да ги монтира. Во во рок од 10 дена од демонтажа до монтажа тие ќе бидат целосно санирани.

Исто така во најбрз временски рок договоривме да бидат инсталирани соларни панели, бидејќи сметките за електрична енергија се 200.000 евра месечно, односно 2.500.000 евра годишно”.

Тој додадe: “Со инсталирање на тие сончеви панели и батериски системи, инсталираната моќност ќе биде околу 2 мегавати и 4 мегават часа батериски системи, со што сметките драматично ќе се намалат и заштедата за државата ќе биде огромна, а  средствата што ќе се заштедуваат, ќе се користат за одржување на хидросистемот Ѓавато, и со тоа на земјоделците од регионот ќе им овозможиме поголема достапност, до вода за наводнување на земјоделските површини,.

Така, ние како Влада, системски пристапуваме кон санирање на хидросистемот Ѓавато и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален” – истакна премиерот Мицкоски.

Можете да прочитате

Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Царина и АХВ заедно против измами со увоз на храна – фер пазар за сите

Кривична пријава за случајот со демирхисарската гимназија – шест службени лица осомничени за злоупотреба