Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Струга е поетска република што гради мостови и го менува светот

Foto 1.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го прогласи за отворено 64. издание на Струшките вечери на поезијата и во рамки на свеченото отворање на фестивалот го проследи Меѓународното поетско читање – „Поетски меридијани”.

Во своето обраќање, таа ја нагласи историската важност на фестивалот и потсети на 1961 година, кога група македонски поети се собрале за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци, втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата”, коишто од Струга направија културна, поетска република.


Сиљановска-Давкова оцени дека најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Таа укажа дека Струга како поетска република ги обединува поетите од различни континенти, држави и култури, без разлика на политичките, или идеолошките поделби.

Претседателката постави важни прашања за релевантноста на поезијата во современиот свет, во време на дигитална зависност, сензационализам и забрзана технологија. Предупредувајќи на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција нагласи дека неможното за вештачката интелигенција е можно за поетите, коишто се единствените господари на чувствата и волшебници на зборот.

Потсетувајќи на судбината на АБЕЦЕДАРОТ, забранетите книги, како и на делата на браќата Миладиновци, Сиљановска-Давкова констатираше дека живиот збор е делотворно оружје што може да ја разбуди совеста, да поттикне активност и да ја промени реалноста.

„Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐ уште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства”, им порача на поетите.

Сиљановска-Давкова го поздрави враќањето на најважните белези на фестивалот: читањата кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење до Свети Наум и поетското матине во „Св. Богородица Перивлепта”.

Можете да прочитате

Сали учествуваше на Третиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда

Лапе: Прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид во земјава, овчарот од Старо Нагоричане ќе се товари вкупно за шест убиства

Приведен охриѓанец, на сила одзел телефон на женско лице, нападнал полициски службеници и во домот поседувал дрога