Утрински Весник
Македонија

УЈП на терен: Откриени десетици прекршувања, изречени глоби и забрани за работа

Danochni kontroli avgust 15.08.2025 002 scaled.jpg

Во периодот од 4 до 10 август 2025 година, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе 383 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти – од ресторани, кафе-барови и шанкови на плажа, до хотели, бутици, месарници, цвеќарници, колонијални продавници, паркинзи и други објекти за трговија на мало.

Акциите беа реализирани низ повеќе градови низ државата, со посебен фокус на туристичките центри каде во летниот период има значително зголемена фреквенција на посетители.


Од вкупниот број контролирани субјекти, кај 27% – односно кај 106 правни лица – биле утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За нив се донесени прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.

Посебно сериозен случај се однесува на пет субјекти кои, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, добиле мерка за привремена забрана за вршење дејност – запечатување на објектите.

Резултатите по региони

  • Во Струга, Охрид и Битола спроведени се 124 контроли, при што се утврдени 21 неправилност – 5 во Струга, 10 во Охрид и 6 во Битола.
  • Во Прилеп, Неготино, Кавадарци и Велес извршени се 20 контроли, а откриени се 10 неправилности – 3 во Прилеп, 1 во Неготино, 3 во Кавадарци и 3 во Велес.
  • Во Тетово, Гостивар, Маврово и Дебар реализирани се 126 контроли со 61 утврдена неправилност – 34 во Тетово, 25 во Гостивар, 1 во Маврово и 1 во Дебар.
  • Во Куманово спроведени се 51 контрола и забележани се 6 неправилности.
  • Во Радовиш, Струмица, Дојран, Валандово, Делчево и Гевгелија извршени се 62 контроли со 8 неправилности – 3 во Радовиш, 3 во Струмица и 2 во Дојран.

Од УЈП апелираат сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната дисциплина и создавање правично деловно окружување.

„Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не е само законска обврска, туку и клучен чекор кон транспарентност и доверба во економијата,“ порачаа од Управата, најавувајќи дека ќе вршат вкрстени проверки за утврдување на веродостојноста на пријавените приходи.

УЈП нагласува дека останува посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници.

Можете да прочитате

Пожарот во Јажинце ставен под контрола

Лишен од слобода 19-годишник во Тетово поради предизвикување пожар

Сообраќајот на патот Тетово – Јажинце е нормализиран