Утрински Весник
Економија

Ристески: Утре започнува втората „Училишна кошница“, очекувам заштеда за семејствата од 800 до 2.000 денари од ученик

20250814143112 big 730x400 51.webp.webp

Од утре стапува на сила Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која од 15 август до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училишен прибор.

– Станува збор за мерката позната како „Училишна кошница“ која се спроведуваме втора година по ред и нејзина цел е заштита на животниот стандард, посебно на граѓаните кои имаат деца кои се ученици и студенти. Со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците (тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали) се враќаат на нивото од 1 јуни и на истите се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало – кажа заменик-министерот Ристески во изјавата за медиумите во Прилеп.


Ристески напомена дека мерката се спроведува втора година по ред, истата дала добри резултати минатата година и дека очекува слични резулатати и годинава.

– Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари по ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, каде граѓаните се соочуваат со трошоци за припреми за зимници, огрев… – додаде Ристески.

Тој ги потсети трговците на нивните обврски за обезбедување на навремена информираност на потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување на истите со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и со јасно означување на старата цена која важела на 01.06.2025 година и истакнување на новата цена со попуст.

За контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и ќе делуваат согласно нивните законски надлежности.

Можете да прочитате

Трипуновски: Маркетите веќе поставуваат ознаки за домашните производи, во тек и регистрација на платформата makedonskonajdobro.mk

Намалена вредноста на договорените и извршените градежни работи во странство

По 18 месеци за првпат паднаа цените на кафето