
Ветингот претставува институционална и општествена нужност, со цел враќање на довербата на граѓаните во правдата, во државните институции и во самиот демократски систем. Цврсто веруваме дека не може да има функционална држава и праведно општество без сеопфатен процес на ветинг со меѓународен надзор, кој ќе донесе транспарентност, отчетност и одговорност на сите нивоа на власта, велат од ДУИ.
„Ставот на ДУИ е јасен: Ги повикуваме сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор – процес што е сеопфатен, непристрасен и без компромис, кој ќе ја врати довербата на граѓаните во правдата и институциите.
Ја повторуваме нашата одамнешна заложба за истрага на сите политички партии, без исклучок, за целиот 33-годишен период на плурализам.
Бараме верификација и контрола на потеклото на имотот за сите носители на јавни функции во последните 33 години – министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок;
Го повторуваме барањето за длабинска истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи беше основа за создавање на недопирливи олигарси. Овој мрачен период не смее да остане нерасветлен.
Бараме и истрага за дејствувањето на службите за државна безбедност, како и за поранешни функционери кои дејствувале од 1945 година па наваму – ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ.
Ова е услов за правда. Ова е обврска кон граѓаните“.
ДУИ нагласуваат од партијата, ги повикува сите политички субјекти да го поддржат предлог-законот за ветинг подготвен од ДУИ уште во 2020 година, како документ со јасна визија и државотворен пристап. Иако, како што појаснуваат, тогаш предлог-законот беше поднесен и го помина првото читање, поради недостиг на политичка волја од другите партии, законот никогаш не доби зелено светло.
Ги повикува политичките партии и Владата да покажат институционална храброст и политички интегритет.
„Ако немаат страв од вистината, ако немаат што да кријат – нека го поддржат ветингот.
Да бидеме јасни: Ветингот не го сакаат тие што денес донираат јавни имоти, што прифаќаат сомнителни донации од Србија и што градат стотици дивоградби. Оние кои се плашат од транспарентност, не можат да бидат гаранти на правдата.
ДУИ нема да се откаже од оваа битка. Ова е прашање на државата. Прашање на правдата. И прашање на иднината “, велат од ДУИ.