
Скопје утринава осамна под густа завеса од чад и силен мирис на изгорено, откако неколку пожари беснеат во различни делови на градот и неговата околина. Најголем пожар од рано утро е активен во Визбегово, каде гори голема депонија, а во воздухот се крева густ и црн отровен чад. Силниот ветер што дува низ Скопје дополнително ги разгорува пламените и ја влошува состојбата со загадувањето.
Освен во Визбегово, попладнево пожар избувна и во скопската населба Ѓорче Петров, каде густ чад целосно го прекри влезот и излезот од градот. Жителите на повеќе населби алармираат дека чадот и непријатниот мирис се чувствуваат и во централните делови на Скопје, што предизвикува загриженост за здравјето и безбедноста.
Истовремено, нови пожари се активни и на северот од градот. Градоначалникот на Чучер-Сандево, Сашко Комненовиќ, со драматичен апел повика на мобилизација на жителите:
„Имаме активен пожар во село Бразда и над црквата во Чучер. Сите што се машки и подвижни, нека земат алат и нека излезат да помогнат во гаснењето на пожарот. Се молат сите, колку што може, да излезат по масовно и да се спасиме од оваа стихија“, порача Комненовиќ преку социјалните мрежи.
Граѓаните се повикуваат да останат внимателни, да избегнуваат престој на отворено и да користат заштитни маски. Центарот за управување со кризи и противпожарните служби се на терен, но поради обемот на пожарите, ангажирани се и волонтери и механизација од соседните општини.