
Летниот период (јули-август-септември) се очекува да биде со натпросечни температури, но и со нестабилности со локализирани врнежи. Во јули и август се очекуваат топлотни бранови, особено во втората половина од месецот, кога ќе има и поголема опасност од пожари поради фазата на созревање на вегетацијата.

Веќе денеска дневните температури ќе го надминат 40-тиот степен, а во петок попладне кон сабота (27/28 јуни) се очекува нестабилност. Нова дестабилизација на времето се очекува околу 3 и 4 јули.
Професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје во најновиот климатски билтен, наведуваат дека во јули и август се очекуваат периодични топлотни бранови со умерен интензитет, помалку екстремни од 2024 година, но и засилување на сушните услови особено во втората половина од овие два месеца.
Сепак, професорите укажуваат дека опасноста од интензивни суши ќе биде поумерена во однос на минатата година.
– Летото 2025 покажува одредени синоптички и динамички сигнали кои укажуваат на поволни услови за развој на нестабилности, за разлика од минатогодишниот изразен сушен и екстремно топол карактер. Имено, излезите од повеќе метеоролошки модели укажуваат на понизок притисок над југоисточна Европа и повисок притисок над северните делови на континентот, што создава услови за формирање на синаптико-динамички образец на циркулација со засилено Атланско влијание. Тоа, од метеоролошки аспект, подразбира зголемена веројатност за летни нестабилности, односно повремени грмежливи процеси, локални врнежи и атмосферска динамика. Иако трендот на температурите е за 1 до 2°C над просекот за сезоната, не се детектираат јасни сигнали за значаен дефицит на врнежи, што дава одредена веројатност дека опасноста од интензивни суши и шумски пожари би била поумерена во споредба со минатата сезона, посочуваат професорите.
И според прогнозите од ECMWF и Коперниковата служба за климатски промени (C3S), просечната температура во јули и август може да биде повисока за 1 до 2 °C над климатската норма (1991–2020), особено во низинските и урбаните подрачја. Количините на врнежи ќе бидат блиску до нормалата, но нивната распределба ќе биде нерамномерна. Зголемена ќе биде веројатноста за краткокрајни, но интензивни локални непогоди.