Утрински Весник
Македонија

Васев и Нухи во ефективен притвор – Апелација ја укина одлуката за куќен притвор

Nino vasev 1.jpg

Поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Нино Васев, и организацискиот директор Нехат Нухи, заминуваат во ефективен притвор од 30 дена. Вака одлучи Апелациониот суд Скопје, кој ги прифати жалбите на Обвинителството и го укина претходно определениот куќен притвор за двајцата обвинети.

Судот оцени дека постои опасност од бегство, а постојат и основани сомнежи дека Васев и Нухи сториле тешки кривични дела поврзани со економското работење на Клиниката за онкологија во периодот од 2018 до 2022 година.


„Апелациониот суд ја уважи жалбата на Обвинителството и го преиначи решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје, укинувајќи ја мерката куќен притвор и определувајќи притвор од 30 дена“, се наведува во соопштението.

Васев и Нухи се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување, измама во службата и проневера, од кои најголем дел од дејствијата ги сториле како соизвршители.

Според обвинението, тие во текот на повеќе години незаконски набавувале скапа терапија – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела – преку т.н. реверси, без валиден правен основ. Потоа, наводно спроведувале јавни набавки само за да ги покријат веќе направените трошоци, при што давателите на лекови ги фактурирале веќе доставените производи.

Со ова, велат од Обвинителството, создавале лажни обврски кон Фондот за здравство, кој бил доведен во заблуда дека го финансира реален буџет, иако во пракса се одобрувале пари за покривање незаконски потрошени средства.

Покрај ова, Васев и Нухи се теретат дека дел од лековите фиктивно ги раздолжувале, односно не ги аплицирале кај пациентите за кои биле наводно барани. Така, според доказите, постои разлика од околу 2 милиони денари меѓу евидентирани и реално употребени лекови.

Обвинителниот акт беше поднесен неодамна, а предметот, во јавноста познат како „Онкологија“, се смета за еден од најтешките здравствени скандали во поновата македонска историја.

Можете да прочитате

Инфлација расте, трошоците растат, а мерките „ќе следат“ – ребалансот на буџетот пристигна во Собрание

Хајрулахи ќе поднесе жалба по предлогот за разрешување: „Целата хајка е поради бонусите од СЈО“

Меџити: Не се обединија за народот, туку за спас на Али и бизнисите