Утрински Весник
Македонија

Од Кочани до Хераклеја: Раните се уште крварат, но Владата весело слави

58c23dd3 7f78 4c20 b34d d93559a9bb6c.jpeg

Само три месеци по најголемата трагедија во поновата историја на Македонија – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 62 млади животи – владејачката ВМРО-ДПМНЕ славеше партиски роденден во археолошкиот локалитет Хераклеја во Битола, со светла, музика и аплаузи.

Прославата доаѓа во момент кога јавноста сè уште е во шок, а семејствата на жртвите – особено родителите од Кочани – секој ден повикуваат на одговорност, транспарентна истрага и правда.


„Три месеци без нашите деца, а никој не е повикан на одговорност. Кој дозволи објект без излез, без дозвола, без контрола да работи?“ – прашуваат родителите. Тие не бараат ништо повеќе од вистината, одговорност од институциите и казна за оние што дозволија и прикриваа.

Во вакви околности, многумина сметаат дека роденденот на партијата можеше да се одбележи на поскромен и достоинствен начин – со соодветна почит кон жртвите и семејствата што секојдневно го живеат својот личен пекол.

„Не велиме да не слават, но нека го сторат тоа со чувство, со тишина, со уважување. Ова не е време за фанфари“, велат родители од Кочани.

Дополнително, уште повеќе вознемирува што токму ВМРО-ДПМНЕ ја води државата и има надлежност и на локално и на централно ниво. Наместо одговорност, јавноста гледа молк, прикривање и сега – славје.

„Македонија е во жалост, а власта слави. Наместо правда, ни даваат огномет“, порачуваат граѓани преку социјалните мрежи.

Трагедијата во „Пулс“ не може и не смее да биде заборавена, а прослави со сјај и веселба додека семејства сè уште ги бараат одговорите – се доживуваат како длабоко нечуствителни и навредливи.

Правдата за Кочани останува недовршена приказна. Се додека таа не се оствари, секоја свеченост е празна и секој говор – лицемерен.

Можете да прочитате

ДУИ: Осуда за дискриминаторските практики при вработувањето во ЦУК

За упис на средношколци во дуалното образование 269 дуални паралелки и 6.725 слободни места 

Андоновски – Гавковски: Полска и Министерството за дигитализација ќе биде најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија