Утрински Весник
Македонија

Коцевски пред разрешување со силна порака до Мицкоски?

Ljupco Kocevski.jpg

Истражната постапка за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани добива нови димензии. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера наложи апсење на 13 полициски службеници, меѓу кои и началници и сменоводители во кочанската полиција, кои кобната вечер биле на должност.

Апсењата доаѓаат само неколку дена по приведувањето и притворањето на Александар Нацев, тајниот сопственик на приватната агенција за обезбедување „Рубикон“, која го обезбедувала дискотеката. Нацев, кој важи за близок до ВМРО-ДПМНЕ, често се појавуваше на партиски прес-конференции, а дел од уапсените полицајци биле назначени на позиции токму од актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.


Паралелно со апсењата, денеска Обвинителството треба да го презентира обвинителниот акт за случајот со пожарот, во кој трагично загинаа 62 лица. Темпото со кое се движи истрагата и решителноста во делувањето упатуваат на тоа дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски испраќа силен сигнал – и тоа директно до премиерот Христијан Мицкоски.

Според информации кои кружат во јавноста, Мицкоски повторно ја активирал иницијативата за разрешување на Коцевски, која првично беше покрената на почетокот на годината и дури помина владина седница. Но поради трагичниот пожар и тензијата во јавноста, постапката тогаш беше стопирана. Сега, три месеци подоцна, таа тема се враќа на дневен ред.

Со оглед на тоа, не е исклучено дека последните потези на Коцевски – кои вклучуваат гонење и на луѓе блиски до актуелната власт – се негов начин да покаже дека работи без притисоци и дека нема намера да замине тивко, особено не без да расчисти со одговорноста за трагедијата што ја потресе цела држава.

Можете да прочитате

Премиерот Христијан Мицкоски е подготвен да ја напушти функцијата ако така одлучат граѓаните

И градоначалникот на Кочани се приклучи на деветтиот Марш за ангелите

Седумчлена делегација од Шведска што поминала низ слична трагедија доаѓа на помош во Кочани