
Соопштение на Левица:
На почетокот од академската 2024/2025 година, премиерот Мицкоски и функционерите од власта најавија дека секој студент ќе добие ваучер од 250 евра за набавка на електронски уреди, наводно како дел од стратегијата за задржување на младите во државата. Ова ветување беше промовирано со голема медиумска кампања и претставено како значаен поттик за студентската популација.
Но, по донесувањето на Буџетот за 2025 година во декември и наводното вклучување на оваа мерка во фискалната проекција – надлежните кои ветуваа и најавуваа, сега молчат. Ниту постои јасна процедура, ниту повик, ниту објаснување за кога и како ќе бидат исплатени средствата.
Најавата дојде на почетокот од академската година, проследена со изјави за „стратешка грижа”, за „иднината на државата”. Но, со завршетокот на истата таа академска година – студентите не добија ништо. Ни уред, ни ваучер, ни објаснување.
Празните ветувања се веќе виден шаблон. И предходната власт на СДСМ се сети на младите само кога ѕвонеше изборна кампања. Преку слични мерки, се обидоа да спроведат „легален поткуп”, верувајќи дека неколку илјади денари можат да купат политичка лојалност од младите.
Очигледно, ДПМНЕ оди по истата патека – ветува предвреме, тактизира до избори, а потоа заборава. Прашањето е: Дали овие 250 евра беа реално планирана мерка или само уште еден изборен адут чуван во фиока за поткуп во септември пред локалните избори?
Она кое властите никако не можат да го разберат е дека младите не се наивни. Имаат меморија подолга од еден изборен циклус. Знаат што значи системска грижа, а што ефтин маркетинг.
Левица, сметајќи дека младите не смеат да останат без одговори, бара:
1. Транспарентен извештај за судбината на ветените ваучери;
2. Прецизен рок за нивна реализација (ако навистина постојат);
3. Јавно извинување за манипулативниот однос кон студентите.