Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме споменот за Св. Кирил и Методиј и да ја зацврстиме заложбата за градење општество на знаење и меѓусебно почитување

Davkova 2.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која порачува да се чува нивниот спомен и преку нивните дела да ја зацврстиме заложбата за градење на општество засновано на знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

„Дозволете ми од срце да ви изразам искрени честитки по повод 24 Мај, денот кога го славиме споменот на Светите рамноапостоли Кирил и Методиј – сесловенски просветители, заштитници на Европа, браќа и учители.


Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите.

Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.

Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив“, се вели во честитката.

Можете да прочитате

Г.Г.Стефан: Благодарејќи на Светите браќа Кирил и Методиј го славиме Бога на свој јазик, со свое писмо и од свои книги

Костадинов кон струмички угостители: „Плоштадот им припаѓа на сите граѓани“

ФЕС: Преку музика, политика, графити, поезија и илустрација, утре уметноста ќе го искаже својот став во Струга