
Работата не е завршена додека земји од Унијата се нудат за медијација, смета претседателката Гордана Сиљановска Давкова, прашана за изјавата на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта. Тој иако кажа дека нема простор за што повеќе да се разговара, Сиљановска вели дека патишта за разговор постојат, откривајќи дека има понуди од Австрија и Обединетото Кралство.
„Јас, се разбира, со помош на господинот Кошта, заедно ќе разговарам со господинот Радев. Како што слушате исто така, Австрија се понуди за медијација во разговорите. Не се нудат членки на ЕУ, за уште еден разговор и медијација, ако работата е завршена.“, порача Гордана Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека треба да се обезбедат гаранции кои не се надвор од актуелната преговарачка рамка, додавајќи дека покрај со Радев, може да се разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Според Сиљановска Давкова, ако земјите од Унијата велат дека ветото е лош пристап во процесот на проширување, Македонија треба да оди во пресрет на укинувањето на ветото.
„Ова мене ми личи на цврста одлука да укинете смртна казна, која е срамна, ама велите „ајде сега уште овој осуден ќе го егзекутираме, ама од после извесно време или од идниот некој момент, нема да има смртна казна“. Не може ние да бидеме колатерална штета.“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателот на Советот, Кошта претходно кажа дека не постои план Б и треба да се работи на процесот на уставни измени. Кошта и пренел на претседателката дека иако е извонреден предлогот за измени со одложена примена, тој е одбиен. До крајот на месецов, се очекува Скопје да го посети и високата претставничка на Унијата за надворешна политика, Каја Калас