
Поранешниот шеф на Постојаната мисија за Македонија при ООН во Њујорк Љубомир Фрчкоски, се огласи по повод кривичната пријава поднесена против него за злоупотреба на буџетски средства во САД. Тој и уште три лица се товарат дека го оштетиле државниот буџет за повеќе од 116 илјади американски долари.
Во продолжение интегрално го пренесуваме писмото
Власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски и неговата функција Амбасадор при ООН во Њујорк – за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта.
После голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување.
Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало:
- пречекорување на сметките за мобилни (?)
- поправка на возило без дозвола на МНР (?)
- земање на аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?))
- вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?)
Според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, Амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени “пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.
- Но најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на Мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил ВЕДНАШ уплатени во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде нплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година дена) е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува Амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена.