Утрински Весник
Македонија

ЕУ поблиску за Албанија и Црна Гора, останатите да ги засилат реформите вели Кошта

Antonio kosta.jpg

Пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија може да се случи и пред 2030 година, доколку земјите ги спроведат неопходните реформи – порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во интервју за „Еуроњуз“.

Тој ова го изјави во пресрет на неговата регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан, која започнува утре и ќе трае до петок. Кошта ќе ги посети земјите со цел да ги охрабри лидерите да продолжат со реформските процеси и да покаже дека Европската Унија е подготвена да им помогне во справувањето со предизвиците.


„Нема фиксен датум. Зошто 2030 година? Зошто не и порано? Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Доколку земјите ги спроведат реформите, тие би можеле да се приклучат дури и пред 2030 година“, изјави Кошта.

Според него, Албанија и Црна Гора се земји кои се издвојуваат во процесот и се „очигледно понапредни од другите“, што ги става во позиција да станат членки на ЕУ пред останатите држави во регионот.

Кошта подвлече дека процесот на проширување не зависи само од подготвеноста на ЕУ, туку и од способноста на земјите-кандидатки да спроведат длабоки внатрешни реформи.

Осврнувајќи се на неодамнешната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва и политичките тензии во Србија, Кошта потенцираше дека еден од клучните услови за членство е усогласувањето со надворешната политика на Унијата.

„Еден од условите за пристапување е заедничката надворешна политика. Потенцијалните членки мора да се усогласат со политиките и вредностите на ЕУ“, рече тој.

Посетата на Кошта доаѓа во клучен момент, кога повеќе земји од регионот се соочуваат со политички и економски предизвици, но и со недоверба кај граѓаните во однос на брзината и реалноста на европската интеграција.

Со оваа турнеја, ЕУ, преку претседателот на Советот, сака да испрати порака дека проширувањето останува висок приоритет и дека реформите, ако се спроведат доследно, ќе бидат наградени со побрзо членство.

Можете да прочитате

Kрис Павловски за премиерот Мицкоски: Одлична личност и домаќин кој прифаќа идеи

Петрушевски: Законот на СДСМ за Кочани е неприменлив и политички мотивиран, не е во интерес на граѓаните

Таравари: Доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму