Утрински Весник
Македонија

Левица со Предлог-закон за формирање на инспекторат за грбот, знамето и химната на Република Македонија

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

На денешната собраниска прес-конференција Портпаролот и пратеник на Левица – Амар Мециновиќ го најави Законот за инспекторат за државни инсигнии, со којшто се гарантира почитувањето на грбот, знамето и химната на Република Македонија, како и на симболите на етничките заедници.


„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но овој закон нема орган којшто го спроведува. Исто така, постои и Закон за знамињата на заедниците и тој закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично, имаме мртво слово на хартија,” рече Мециновиќ на собраниската прес-конференција.

Како главен мотив за донесување на овој закон од Левица го наведуваат честото непочитување на државните инсигнии, и провокациите кои предизвикуваат меѓуетничка нетрпеливост и тензии, додека државата останува со врзани раце, без можност да изрече казна, за непочитување на постоечките закони или сквернавање на државни инсигнии.

„Во меѓувреме сме сведоци на секојдневно непочитување на државните симболи, особено за време на јавни прослави, спортски манифестации, дури и официјални церемонии. Секојдневно гледаме неправилна употреба, навредлива експонираност, или отсуство таму каде што законот пропишува дека треба да стои. Во суштина толку често не се почитува Законот за употреба на државните симболи што веќе е изрелативизиран без орган кој треба да го спроведува.”

Од партијата соопштија дека со овој предлог закон, Инспекторатот за инсигнии ќе биде сместен во рамки на Министерството за правда, а инспекторатот ќе има право да врши надзор како на институциите, така и на правните и физички лица.

„Овој закон има за цел да исполни тој правен вакум. Со него се предвидува формирање на инспекторат во рамки на Министерството за правда, со јасна дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки. Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор на институции, но и на правни и физички лица, а ќе постои и можност граѓаните да поднесуваат иницијативи до него.”

На крајот од прес-конференцијата Мециновиќ истакна дека со овој закон не се менуваат постоечки права, туку се гарантира спроведување на веќепостоечките.

„Овој Предлог-закон, конечно дава механизам за спроведување на веќе постоечки закони и законска материја. Со ова не се менуваат постоечките права, туку само гарантираат  дека тие ќе се почитуваат и доследно применуваат.”

Можете да прочитате

Петрушевски: Законот на СДСМ за Кочани е неприменлив и политички мотивиран, не е во интерес на граѓаните

Таравари: Доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму

Бочварски: Со закон ќе помогнеме на семејствата од Кочани, но ВМРО е против