
Со воена парада и аеромитинг, Виетнам денеска ја одбележува 50-годишнината од падот на Сајгон – симболичен крај на деценискиот конфликт што кулминираше со повторното обединување на земјата на 30 април 1975 година.
Сајгон, тогашен главен град на поддржаниот од САД – Јужен Виетнам, беше преземен од страна на комунистичкиот Северен Виетнам и подоцна преименуван во Хо Ши Мин, по името на лидерот на движењето.
– Тоа беше победа на правдата над тиранијата. Виетнам е еден, виетнамскиот народ е еден. Реките може да пресушат, планините да еродираат, но оваа вистина никогаш нема да се промени, изјави виетнамскиот лидер То Лам по повод јубилејот.
Во дваесетгодишниот конфликт загинаа околу три милиони Виетнамци и речиси 60.000 Американци, голем дел од нив млади војници. Сликите од американски хеликоптери што евакуираат луѓе од покривот на амбасадата во Сајгон останаа симбол на падот на градот.
САД и Виетнам ги нормализираа дипломатските односи во 1995 година, а врските се продлабочија во 2023 година со посетата на тогашниот американски претседател Џо Бајден на Ханој. Но, тие односи се сега на испит по најавата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп за воведување на царини од 46 отсто на виетнамска стока. Царините се ставени во мирување до јули, а преговорите продолжуваат.
Покрај партнерството со САД, Ханој одржува силни врски со Русија – главен снабдувач со оружје – и со Кина, и покрај долгогодишни спорови и конфликти во Јужното Кинеско Море.
Министерството за одбрана на Виетнам ја покани кинеската војска да учествува во парадата. Според државните медиуми, 118 кинески војници маршираат низ улиците на Хо Ши Мин во знак на благодарност за меѓународната поддршка.
Парадата опфати околу 13.000 војници, полицајци и други припадници на безбедносните сили, а аеросмитингот ќе вклучи руски борбени авиони и хеликоптери.