Утрински Весник
Македонија

Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

Image0 4.jpeg

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на 9. Балкански Енергетски Самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.

Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици.


„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска.

Таа нагласи дека Северна Македонија, иако мала по големина, е посветен и активен играч на регионалната енергетска сцена, преземајќи конкретни чекори кон либерализација на пазарот на електрична енергија, масовни инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.

„Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар“, истакна Божиновска.

Министерката посочи дека клучот за енергетска безбедност е комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно вклучување на приватниот сектор. Според неа, Северна Македонија веќе бележи голем интерес од приватни инвеститори за изградба на ветерни и соларни капацитети, со вкупно поднесени барања за приклучување од 9.500 MW.

„Нашата стратегија е јасна: државата обезбедува сигурност, приватниот сектор носи иновации и дополнителна сила за зелената транзиција“, додаде Божиновска.

Во своето обраќање, министерката го најави и новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура, а кој треба да создаде уште посилна основа за инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетскиот сектор.

Божиновска упати јасна порака дека енергијата денес е многу повеќе од ресурс – таа е темел за економски раст, енергетска независност и отпорност на глобалните предизвици.

„Енергијата е основата на иднината што сакаме да ја изградиме. Отворени сме за нови партнерства, за споделување знаење и заедничко креирање на регион кој ќе биде пример за Европа“, заклучи министерката Божиновска.

Балканскиот Енергетски Самит годинава обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки енергетски компании, и се наметнува како клучна платформа за отворање на нови стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.

Можете да прочитате

Путин го ослободи од должноста амбасадорот во Македонија

Со 3,66 промили алкохол во крвта агресивно се однесувал кон полицајци

Стратешки односи меѓу Турција и Северна Македонија на симпозиумот во Истанбул