
По објавениот текст со наслов “Ќе плаќате и за увид во сопствените пари – НЛБ Банка воведува нови повисоки трошоци за клиентите”, од НЛБ Банка вечерва преку допис се огласија со дообјаснување и истиот интегрално ви го пренесуваме во продолжение.
”
Во врска со објавениот текст кој се однесува на новиот Тарифник на НЛБ Банка кој стапува на важност од 23 јуни годинава, поконкретно на воведувањето паричен надоместок за користење на мКлик, би сакале да ја коригираме објавената информација во вашиот медиум соодветно, со единствена цел точна информираност на нашите клиенти.
Имено, Банката воведува еднократен надомест од 20 денари месечно за користење на Light пакетот, кој опфаќа дебитна картичка и НЛБ мKлик, со увид во состојба на сите сметки. Овој износ се однесува на целиот пакет и нема да се наплаќа поединечно секој преглед на состојба на сметките, како што беше наведено.
Банката континуирано вложува во развој, безбедност и одржување на дигиталните услуги, со цел да обезбеди сигурно, брзо и супериорно клиентско искуство.
Инвестициите на Банката во дигитализација им овозможуваат на клиентите напредни алатки кои им заштедуваат време, им го олеснуваат секојдневието и управувањето со нивните финансии преку користење на најсовремени технолошки решенија со високо ниво на безбедност”, стои во соопштението.