
Министерството за култура и туризам денеска соопшти дека исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Оттаму потенцираат дека дел од институциите веќе ја добија својата плата, а најавија и дека ќе упатат покана за официјална средба со претставниците на Синдикатот.
-Министерството за култура и туризам е целосно посветено на решавање на проблемите во врска со исплатата на платите за културниот сектор. Исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши денеска. Истовремено, го потврдуваме ставот дека социјалниот дијалог со Синдикатот мора да продолжи, велат од Министерството.
Како што потенцираат од Министерството, ќе упатат покана за официјална средба со претставниците на Синдикатот, со намера да се разгледаат сите отворени прашања, во духот на заемна почит и партнерство.
-Дијалогот мора да продолжи, бидејќи само така можеме да изнајдеме долгорочни решенија за стабилноста на културните институции и достоинството на културните работници. Ние сме посветени на постигнување одржливи резултати, и тоа ќе се случи само со активен дијалог и заедничка одговорност, соопштија од Министерството за култура и туризам.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на пратенички прашања, посочи дека се врши исплати на платата во културата, согласно Колективниот договор.
-Колективниот договор во културата е потпишан од страна на министер кој што не добил согласност од Министерството за финансии. Но, и покрај тоа што е така, ние ги исплативме платите со зголемување, согласно Колективниот договор, кој што е истечен. На линија сме со министерот за култура и туризам и сме подготвени да седнеме со претставниците на синдикатите да преговараме за нов, во кој културата ќе го добие вистински културен сјај. Тие да бидат претставници на културните работници, а не да бидат претставници на некултурата. Подготвени сме со сиот политички ризик да седнеме и да разговараме, затоа што ни е важна културата, рече Мицкоски.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, од собраниската говорница напомена дека Министерството за финансии сериозно пристапи кон решавање на проблемот со исплата на платите на културните работници. Како што рече, до крајот на денот ќе бидат исплатени сите културни установи, сите вработени ќе земат соодветна плата.
-Исплатени се околу 87 милиони денари за плати, до крајот на денот ќе бидат исплатени сите културни установи, сите вработени ќе земат соодветна плата. Овој проблем се повторува неколку години наназад. Каде бевте вие како министер во тој момент да кажете што е проблемот, рече заменик министерот за финансии.
Поради доцнење со исплатата за месец март, Синдикатот на културата (СКРМ) претходно одржа протестен совет пред Министерството за култура. Меѓу другото, на советот претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори, транспарентност и професионално управување со културните институции, стратегија за развој на културата, како и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување.
Поддршка на СКРМ и на културните работници дадоа и од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков го повика на средба ресорниот министер Зоран Љутков, во спротивно, како што рече, на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не е исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори.