
Советот на Народната банка на својата последна седница го усвои Годишниот извештај за 2024 година. Во Извештајот се истакна успешното остварување на целите на централната банка, што е потврдено и од најрелевантните меѓународни финансиски институции, а се согледува преку натамошното забавување на инфлацијата, одржувањето на стабилноста на девизниот курс и натамошното јакнење на финансиската стабилност. Иако условите сѐ уште се неизвесни, добрите трендови кај инфлацијата и девизните резерви овозможија постепена нормализација на монетарната политика. Паралелно со справувањето со макроекономските предизвици, Народната банка оствари и бројни проекти.
Во светски контекст, 2024 година беше обележана со силни геополитички тензии и трансформации поврзани со дигитализацијата и вештачката интелигенција, поради што се зголеми неизвесноста. Сепак, светската економија и натаму закрепнува, а раст од 2,8% забележа и македонската економија. Просечната стапка на инфлација забавуваше и се сведе на 3,5%, од 9,4% претходната година, одразувајќи ги постабилните движења кај цените на храната, енергијата и базичната инфлација, како и ефектите од соодветната монетарна поставеност. Соодветно на поволните трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, Народната банка започна со постепено нормализирање на монетарната политика. Основната каматна стапка беше намалена трипати до нивото од 5,35%, а беа намалени и каматните стапки на депозитите, но поумерено. Покрај ова, мерките преземени во областа на задолжителната резерва придонесоа за натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење.
Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт и на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што се заклучи дека во текот на 2024 година, покрај редовните работни процеси се работеше и на повеќе проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето од аспект на зголемување на ефикасноста, квалитетот, транспарентноста и сигурноста, усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди.
Како едно од најзначајните достигнувања во текот на 2024 година е поднесувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, беа преземени бројни активности за усогласување на националната регулативата со законодавството на ЕУ, што го овозможија приемот на нашата земја како 39-тата членка на СЕПА на 6 март годинава. Овој чекор претставува значаен напредок на патот кон ЕУ и потврда за високите регулативни барања и стандарди за домашните финансиски институции при извршувањето на плаќањата.
Заради обезбедување на потребната ефикасност на плаќањата во евра со зачленувањето на земјава во СЕПА, Советот на Народната банка на денешната седница изврши дополнителни промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство. Со овие измени, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може за првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА, се постигнува значителна либерализација на прекуграничните плаќања. Имено, се укинуваат преостанатите обврски за задолжително поднесување документација при извршувањето на одливните и приливните плаќања со странство. Истовремено, паричните средства од странство ќе им се ставаат на платежните сметки на граѓаните и компаниите веднаш, а најдоцна следниот работен ден. Само за мал број плаќања, за кои се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија, и натаму ќе се приложува документација и одложено ќе им се ставаат на располагање на примачите. Овие измени на регулативната рамка ќе ја зголемат ефикасноста на процесите во банкарскиот сектор, со што ќе се создадат услови за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите.
Во текот на годината, засилено се работеше на повеќе активности и проекти насочени кон модернизација на работењето, натамошно зголемување на отпорноста на финансискиот систем и поддршка на одржливиот развој. Особено се издвојуваат следниве:
− Беа донесени измени и дополнувања на Законот за Народната банка според препораките на ММФ и највисоките меѓународни практики;
− Беа донесени макропрудентни мерки со што дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот сектор;
− Се работеше на 12 подзаконски акти за решавање банки, коишто беа донесени во март 2025 година, а беше изготвен и нов предлог за Законот за банките, согласно најновите стандарди;
− Беше објавен за првпат Прегледот на зелени финансии – статистички податоци за климатските промени;
− Беше воспоставена нова унапредена рамка за макрострес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на макроекономски шокови, а се работеше и на развивање посебна рамка за стрес-тестирање на влијанието климатските ризици врз банкарскиот систем
− Во рамките на членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изготвувањето на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските ризици за централните банки;
− Беше изработен првиот предлог за Политиката за одржливост на Народната банка;
− Во 2024 година, Народната банка им овозможи на граѓаните бесплатно, брзо и лесно добивање извештај од Кредитниот регистар, преку Националниот портал за услуги;
− Беше воведена нова веб-услуга за автоматизирано преземање на податоците од Курсната листа;
− Беше склучен Меморандумот за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја;
− Народната банка ги изработи за првпат Насоките за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор за банките;
− Беше објавена Брошурата наменета за лицата со оштетен вид, за финансиска едукација и информирање за нивните права.
− Беа збогатени податочните сетови со нови податоци од статистиката на финансиските сметки и беа скратени роковите за објавување и доставување на меѓународната инвестициска позиција (МИП) и месечниот платен биланс (ПБ), согласно барањата на ЕУ.
Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2024 година, којшто беше усвоен на истата седница, се наведува дека банкарскиот систем и во 2024 година функционира стабилно, со засилен раст на депозитите и кредитите, подобрување на ликвидноста и солвентноста, како и со одржување добар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот, во текот на 2024 година, достигна нивоа коишто се највисоки од 2006 година наваму, а на крајот од годината изнесуваше 18,9%. И покрај позитивните трендови, и натаму има потреба од внимателно следење на ризиците, особено поради нестабилното геополитичко окружување и потенцијалните надворешни шокови.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и усвои и други материјали од областа на работењето на Народната банка.