
Општина Илинден и оваа година по повод големиот христијански празник Велигден ја спроведува хуманитарната акција за донација на храна и хигиенски производи, наменети за социјално загрозената категорија на граѓани на територија на општина Илинден.
Локалната самоуправа оваа голема хуманитарната акција ја спроведува во соработка со Црвениот крст и бизнис заедницата од општина Илинден, кои несебично подадоа рака на ранливите категории граѓани од Илинден. Во рамки на акцијата под мотото „Подај рака-хумана општина Илинден”, досега собрани се околу 200 хуманитарни пакети со храна и хигиенски производи донирани од компаниите.
Како општествено одговорна компанија, ТАВ Македонија денеска ја предадоа донацијата со прехрамбени и хигиенски производи, а градоначалникот Александар Георгиевски и генералниот директор Неџат Курт остварија средба, на која градоначалникот им изрази голема благодарност што активно учествуваат во оваа голема хуманитарна акција. По приемот на донацијата градоначалникот заедно со општинската администрација и тимовите од Црвен крст посетија неколку семејства на кои им беа донирани хуманитарните пакети.
Упатувам голема благодарност до сите општествено одговорни компании кои овозможија преку своите донации успешно да се спроведува оваа голема хумана акција, која има за цел по повод велигденските празници да им се помогне на ранливите категории граѓани од општина Илинден достојно да ги поминат празниците. Голема благодарност до ТАВ Македонија што активно секоја година учествуваат во оваа голема хуманитарна акција, изјави градоначалникот Александар Георгиевски.
Освен ТАВ Македонија останатите општествено одговорни компании кои оваа година се приклучија кон донациите се: БД Интер Кар, Гранд Слот, Дени Интернационал, Интер – ОИЛ, Џонсон Мети, Пекабеско, СИГО, Компанија Атанасовски, Компанија Петковски, Рио кафе, Мултипром.