
Реставрираната стара чаршија во Гевгелија, проект кој се реализираше со средства од Министерството за култура и туризам денес свечено беше пуштена во употреба. На настанот присуствуваа премиерот на државата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов и други функционери.
Со проектот, просторот на чаршијата доби партерно уредување и фасадирање на дуќаните, како и хортикултурно уредување и поставување на ново осветлување.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека како Влада ги поддржуваат општините низ целата држава.
– Досега имаме издвоено околу половина милијарда евра за проекти. Повеќе од 1200 проекти кои се завршени, се завршуваат, се отпочнуваат, уште мал дел и ќе се завршат, така што очекувам до крајот на годината овој проект да биде завршен, со децентрализираните средства од централниот буџет кон општините и веќе во следната година да размислуваме за нови средства коишто ќе ги издвоиме за општините за реализирање на капитални инвестиции коишто имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните – рече премиерот Мицкоски.
Наша обврска е да го сочуваме културното наследство, но да му дадеме и нов живот и нова вредност, истакна во своето обраќање министерот за култура и туризам Сулејмани.
-Старата чаршија во Гевгелија сега станува современо културно туристичко јадро. Владата, Министерството за култура и туризам и локалните заедници и во иднина ќе продолжат да работат на конкретни проекти кои ќе даваат конкретни резултати, зашто културното наследство не треба само да го чуваме, туку треба да го направиме живо, достапно и препознатливо за новите генерации – порача министерот за култура Сулејмани.

Според градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, старата чаршија е историски белег на градот и дел од културата на гевгеличани.
-Проектот опфати повеќе фази- изградба на нова атмосферска и фекална канализација, нова водоводна линија, беше заменета цела столарија, реконструкција со реставрација на фасадите со задржување на автентичниот лик, поставување на урбана опрема и модерно осветлување – појасни градоначалникот Сарамандов.
Натамошна поддршка за локалните власти од централниот буџет најави и вицепремиерот Александар Николоски.
– Во Гевгелија дополнително се инвестираат околу 165 милиони денари, преку државниот буџет во различни проекти. Тука се секако трите големи завршени проекти реализирани преку Министерството за транспорт во соработка со Општина Гевгелија во селата Моин, Прдејци и Богородица, понатаму завршувањето на западниот булевар „Св. Климент Охридски“, реконструкцијата на улиците „Железничка“, „Маршал Тито“, „Гевгелиски партизански одреди“ и други – изјави Николоски.
Целосната реконструкција на Старата чаршија, која е заштитено културно наследство од XIX век, изнесува околу 41 милиони денари.


