Утрински Весник
Македонија

Полицајци давале дозволи за „Пулс“ без проверка десет години

Kocanidete Scaled.jpg

Истрагата за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 61 лице, се проширува со нови детали кои ја откриваат длабочината на институционалниот криминал. Седуммина полициски службеници – меѓу кои пензионирани началници, инспектори и командир – се најновите осомничени кои, според обвинителството, учествувале во системско фалсификување на безбедносни согласности за дискотеката од 2012 до 2022 година.

„Не извршиле целосна и детална проверка“, стои во соопштението на обвинителството. Наместо да ја заштитат јавноста, осомничените овозможиле кабарето „Пулс“ да добие лиценца иако не ги исполнувало основните безбедносни стандарди. Сите уапсени се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.


Од ОЈОГОКК објаснуваат дека најголем дел од новопријавените полицајци биле на функции во СВР Штип и ПС Кочани. Еден од нив – командир кој веќе е разрешен – потпишал согласност дека „Пулс“ поседува елаборат за заштита од пожари, иако објектот реално не ги исполнувал основните услови.

Во регистарот на издадени лиценци, „Пулс“ во 2021 бил заведено на адреса каде постои конфекција, додека дискотеката реално функционирала неколку метри подолу – без паркинг, без пристап и скриена зад куќи и автомеханичарски работилници.

Покрај овие нови осомничени, истрагата веќе опфаќа 59 лица, вклучувајќи поранешни министри за економија, директори на државни институции, инспектори и службеници. Меѓу уапсените се и кадри на ДУИ – Ваљон Сарачини и Беким Незири – како и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу и директорот на ДЗС Џеват Селами.

Сите тие – со својот потпис, молк или директна вмешаност – учествувале во создавање на една смртоносна фикција: дека „Пулс“ е легален, безбеден и дозволен.

На политичката сцена, расте притисокот за одговорност и оставки од актуелниот министер за внатрешни работи и министерот за здравство. Јавноста бара одговор: како објект без излез, без услови и без контрола добивал лиценци 10 години по ред?

Истрагата продолжува. Но довербата во институциите, за многумина – е веќе изгорена.

Можете да прочитате

СДСМ: Истрагата за Кочани е селективна, се штитат дирeктно одговорните за трагедијата

Велигден – зошто не е секоја година на ист ден и како се пресметува датумот

ДУИ: Истрагата за пожарот во Кочани станува пример за правна импровизација