
Американските федерални власти уапсија маж од Ново Мексико во врска со пожарите во застапништвото за електрични автомобили Тесла и седиштето на Републиканската партија во Албакерки.
Џејмисон Вагнер (40) се соочува со две федерални обвиненија за злонамерна штета или уништување имот со оган или експлозиви, објави американското Министерство за правда.
Според соопштението, апсењето на Вагнер е последно во серијата кривични постапки поврзани со нападите врз објектите на Тесла. Компанијата управувана од Илон Маск е се повеќе цел на контроверзии, вклучително и поради неговата поддршка за иницијативата DOGE на претседателот Доналд Трамп, чија цел е намалување на владините овластувања.
Во салонот на Тесла, кој беше цел на нападот на 9 февруари, пронајдени се графити со натписи како „Умри, Илон“, „Тесла нацистичка компанија“ и „Умри, Тесла наци“, соопшти Министерството.
„Фрлањето запаливи средства не е политичка форма на несогласување“, рече заменик-јавниот обвинител Тод Бланш.
„Тоа е опасно злосторство кое ќе го следиме во целосна мерка на законот.
Директорот на ФБИ Каш Пател подоцна објави на X: „Доказите пронајдени на местото на настанот силно сугерираат дека нашите храбри агенти спречиле дополнителни планирани напади овој викенд“.
Вагнер моментално е во притвор и чека сослушување за кауција, се додава во соопштението за печатот. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна од 20 години по секоја точка.
Користејќи ги снимките од надзорните камери, истражителите го поврзаа Вагнер со нападот на застапништвото на Тесла на почетокот на февруари и со уште еден инцидент со подметнување пожар и вандализам во седиштето на Републиканската партија на 30 март.
Федералните агенти го претресоа домот на Вагнер во саботата со налог и пронајдоа голем број докази кои го поврзуваат со нападите, соопштија властите.
Меѓу доказите беше кутија со осум осомничени запаливи направи и матрица со зборовите „ICE=KKK“, која подоцна беше пронајдена исчкртана на ѕидот на седиштето на Републиканската партија, соопшти Одделот.