
Денес, Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество одржа конститутивна седница, на која поздравно обраќање имаа генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
Генералниот секретар ја потенцираше посветеноста на Владата односите со граѓанските организации да ги гради врз основа на принципите на инклузивност и партиципативно планирање, сигурност и одговорност, отвореност и транспарентност, како неопходни инструменти за градење на еднаквост пред законот и одговорност на носителите на одлуки.
„Во соработка и партнерство со граѓанските организации, со ефикасна и транспарентна работа на седниците на Советот, заедно ќе ја градиме државата како просперитетна, праведна и динамична демократија.”, истакна Јанушев.
Заменик претседателот Фетаи го нагласи клучното место на граѓанскиот сектор како чувар на демократијата и како конструктивен партнер во креирањето подобри јавни политики. „Граѓанското општество не е декор на демократијата, туку нејзин активен супервизор – гласот што предупредува кога се јавуваат појави како што се корупцијата и неправдата”, истакна Фетаи. Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор, Фетаи ги наведе ограничениот пристап до фондови, отсуството на системска поддршка и недоволно функционалната правна рамка.
„Знам што значи да се бараат фондови, да се известува детално за проектите и да се комуницира со институции кои често не нè разбираат.”, рече Фетаи, додавајќи дека добро организирано и поддржано граѓанско општество има моќ да придонесе за суштински општествени промени.
Владата го формираше Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество за да го институционализира дијалогот и да обезбеди граѓанските организации да можат да го следат спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, да ја следат и анализираат јавната политика која влијае на околината во која се развива граѓанското општество и да иницираат донесување на нови или изменување постојните прописи за унапредување на правната и институционалната рамка за делување на организациите.
На седницата, која е прва по назначување на новиот состав, за претседател на Советот од редот на членовите на организациите беше избранa Никица Кусиникова од Здружението Конект Скопје, а за заменик претседател на Советот од редот на членовите од органите на државната управа, беше избрана Бојана Босилкова од Министерство за правда.