Утрински Весник
Свет

Нов Зеланд ќе вложи 12 милијарди долари во одбраната: Далечината веќе не ни е заштита

20250407084904 big 730x400 17.webp.webp

Владата на Нов Зеланд најави инвестиција од 12 милијарди долари (10,92 милијарди евра) во следните четири години во „модерни, борбено способни“ Новозеландски одбранбени сили (НЗДФ), информира Радио Нов Зеланд.

Планот предвидува зголемување на трошоците за одбрана на Нов Зеланд од нешто повеќе од еден процент од БДП на повеќе од два проценти во следните осум години. Последен пат трошоците за одбрана беа два отсто од БДП на почетокот на 1990-тите.


Еден од клучните елементи на планот вклучува набавка на нови ракетни системи „за одговор на непријателските бродови на поголеми оддалечености“ во следните четири години. Исто така, предвидува проширување на поморските ударни капацитети на одбранбените сили за да се овозможат „напади со долг дострел од повеќе домени“ меѓу 2029 и 2039 година.

Работата на планот почна во август 2023 година и првично се очекуваше да биде завршена во средината на 2024 година, но беше дополнително одложена по потонувањето на бродот Манавануи.

Министерката за одбрана Џудит Колинс изјави дека одложувањата биле неопходни поради геополитичките промени, пишува РНЗ. На прашањето што донело дополнителното време, таа рече дека се фокусирало на беспилотни системи и високотехнолошки системи кои Нов Зеланд може да ги развие за свои потреби и за други земји.

Премиерот Кристофер Луксон рече дека ова е „многу важен стратешки документ за Нов Зеланд“ и оти владата сака да го обезбеди неговиот квалитет, а не брзината на изработка.

– Можеме да си го дозволиме тоа. Знаеме дека ова е голем чекор напред и голема обврска, но во нашата сегашна фискална рамка можеме да го финансираме, рече Луксон.

Колинс истакна дека светот е инхерентно поопасен и дека одбранбениот персонал на Нов Зеланд е на првата линија на безбедноста на земјата.

– „Тие не можат да ја вршат својата работа без соодветна опрема и услови. Овој план ги дефинира ресурсите, опремата и поддршката потребни за модернизација на НЗДФ за да може да дејствува сега и во иднина, рече таа.

Колинс додаде дека планот е „сеопфатен и многу неопходен“ и оти одбраната не може да се занемари додека не стане неопходна.

– Далечината веќе не е заштита за Нов Зеланд, не кога имаме интерконтинентални балистички ракети лансирани во Пацификот или бродови со огромна ударна моќ што влегуваат во нашиот двор, рече Колинс, мислејќи на зголемената воена активност на Кина во регионот.

Таа додаде дека планот „го вади НЗДФ од интензивна нега и овозможува раст таму каде што е најпотребно“.

Минатата недела, истражување на РНЗ покажа дека околу половина од гласачите сметаат дека Нов Зеланд треба да ги зголеми трошоците за одбрана.

Можете да прочитате

Германскиот берзански индекс DAX падна за 10 проценти

Без збор, но со порака: Маск против тарифите на Трамп?

Израел во следните недели ќе дозволи влез на хуманитарна помош во Појасот Газа