
Соопштение на Град Скопје:
Инспекторите на Град Скопје при вршење на вонреден инспекциски надзор во околината на населено место Драчево ул. Јустинијан затекнаа камиони како истураат огромни количини отпад на приватна дива депонија на територија меѓу Општина Кисела Вода и Студеничани. Станува збор за дива депонија од 5.000м2 на приватен имот.
При вршење на вонредната контрола затечена е фирмата ГО-ИВА Бетон како со тешки товарни возила фрла отпад, што е спротивно на Законот за Управување со отпад и Законот за заштита на животната средина. Повторно некој свесно и за профит ги труе скопјани, а по неколкудневно следење сторителите се фатени на лице место.
Нашите инспектори продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад.
На територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска.