Утрински Весник
Македонија

Дејан Пројковски со „Ана Каренина“ ја освои турската публика

20250308102119 Big 730x400 59.webp.webp

Во Државниот театар во Ван, Република Турција, со голем успех се одржа премиерата на театарската претстава „Ана Каренина“, во адаптација и режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Овој сценски спектакл, инспириран од безвременскиот роман на Лав Толстој, предизвика воодушевување кај публиката и критичарите, најавувајќи долг сценски и фестивалски живот, информираат од Македонски културен центар во Истанбул.

-Ова е моја втора претстава во Турција, по истанбулската „Ромео и Јулија“, која беше прогласена за најдобра претстава на годината. По реакцијата на премиерната публика и новинарите, мислам дека „Ана Каренина“ е претстава која ќе има долг сценски и фестивалски живот. Доказ за тоа се и првите пет комплетно распродадени изведби. Заедно со мене во Државниот театар – Ван беше и мојот авторски тим: кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски, изјави режисерот Пројковски по премиерата.


На настанот присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна важноста на ваквите соработки кои водат кон продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Турција.

-Театарот отсекогаш бил простор на дијалог, емоции и идеи. Вечерва, преку оваа маестрална адаптација на безвременската приказна на Толстој, уште еднаш се потврди дека уметноста не познава граници. Македонскиот и турскиот театар имаат богати традиционални врски, а ваквите соработки се сведоштво за заедничката желба да се создава уметност која инспирира, поврзува и остава трага, изјави Ратајкоски.

Претставата „Ана Каренина“ продолжува со својата успешна серија изведби во Ван, со распродадени билети за првите пет претстави, што е јасен показател за големиот интерес на турската публика кон оваа турско-македонска театарска продукција. По изведбите во Ван, претставата ќе продолжи да се игра и во театрите во Анкара и Истанбул. 

Можете да прочитате

Собранието неделава со интензивна агенда, понеделнички собраниска седница и заседанија на седум комисии

Студено утро, сончево и топло преку ден

Нови правила за онлајн медиумите – регистрација во АВМУ за поголема професионалност