
Токму овој потег е она што ѝ недостасуваше на македонската дипломатија последниве 8 месеци. Очекувам со новата настрешница од половина милион евра да зајакнат напорите, а со тоа и резултатите, за побрза интеграција во ЕУ, објави екс-амбасадорот и поранешен заменик-шеф на македонската дипломатија, Андреј Жерновски откако дел од медиумите објавија дека на покривот на објектот на Министерството за надворешни работи ќе никне челична настрешница.
Според Жерновски, неопходното продолжување на проектот „Скопје 2014“, како што вели, не само што ќе биде поздравено од идејниот творец кој е на печалба во Будимпешта, туку е „убеден дека ќе биде и едногласно поздравено во седиштето на НАТО“.
-Таму веќе е познато дека не може да се биде рамноправен член без соодветен „чадор“, стои во објавата на Жерновски.
Според дел од објавите, настрешницата би требало да чини максимум до 500 илјади евра.
Од МНР за „ТВ21“ соопштиле дека изградбата на објектот над рамната тераса на зградата е проект кој првично бил планиран за реализација во 2022 година.