Утрински Весник
Македонија

Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните треба да расправа за аерозагадувањето, во петок седница закажа и Комисијата за здравство

Aerozagaduvanje.webp.webp

Во Собранието за денеска е закажана седница на Постојната анкетна комисија за слободите и правата на граѓаните, на која, според најавата од веб страницата на Собранието, треба да се одржи надзорната расправа за аерозагадувањето. Надзорната расправа е закажана иако претходно претседателот на Собранието донесе одлука ваква надзорна расправа да се одржи во Комисијата за здравство затоа што не биле испочитувани процедураните правила во Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните. 

Според информациите од веб страницата на Собранието, во 11 часот е закажана седницата на Анкетната комисија, а во исто време е закажана и прес-конференција на претседателот на Анкетната комисија, Димитар Апасиев.


Од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши вчера во изјава за МИА потврдија дека останува надзорната расправа да се одржи во Комисијата за здравство. Оттаму посочија дека на Апасиев му е укажано дека веќе закажаната расправа, согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не може да продолжи под тие околности.

– Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го разгледа предметот за надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ закажана за 25 февруари 2025 година и на 17 февруари заклучи дека не се почитувани процедуралните правила. Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности. Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство, соопштија за МИА од Кабинетот на Гаши.

Од друга страна, Комисијата за здравство, чиј претседател е Рашела Мизрахи, во петок ќе одржи седница на која ќе треба да се договори кога ќе се одржи надзорната расправа, а до 3 март ќе треба да се достават предлог листи со учесници на надзорната расправа. Според начелниот договор, би требало надзорната расправа да се почне на 21 март.

Претседателот на Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните Димитар Апасиев ја закажа надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето со потписи од 20 пратеници од опозицијата, но владејачкото мнозинство реагираше на процесот на организирање на расправата, но и на фактот дека барањето за надзорна расправа не треба само да се проследи до пратеници, туку дека претседателот на Собранието одлучува кое собраниско тело ќе ја организира.

По ова, владејачкото мнозинство во Собранието со потписи од 61 пратеник достави до претседателот на Собранието барање за одржување надзорна расправа за аерозагадувањето. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски тогаш во изјава за медиумите рече дека надзорна расправа ќе се случи, но со целосно почитување на одредбите од Деловникот.

Од  Кабинетот на претседателот на Собранието информираа дека надзорната расправа ќе се одржи во Комисијата за здравство затоа што согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не биле испочитувани процедуралните правила.

– Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет, наведоа тогаш во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Можете да прочитате

СДСМ: Скандалозно е што Мицкоски го штити Изет Меџити при јасни докази

Помина предлог законот за електронските комуникации заради регулирање на онлајн игрите на среќа

УХМР: Утре облачно со појава на магла, од четврток дожд