![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2025/02/protestfrosina.webp.webp)
Здружение на судиите денеска во допис до медиумите изразува жалење за смртта на Фросина Кулакова која беше прегазена на „Партизанска“ во Скопје, но истовремено изразува и загриженост што поедини судии се дискредитираат во јавноста, без да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.
„Изразувајќи искрено жалење за загубата на млад човечки живот, каде ниту еден збор не може да ја ублажи болката на семејството и блиските, ниту да ја надомести трагедијата што не потресе сите нас, Здружение на судиите на Република Северна Македонија сочувствува, но истовремено и изразува загриженост за фактот што поедини судии се дискредитираат во јавноста, без притоа да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност“, стои во соопштението.
Здружението на судиите истакнува дека во целост се согласува и ја поддржува Подружницата на ЗСРСМ од Основниот кривичен суд Скопје, во нивното барање за разумност и рационален пристап во согледување на евентуалните пропусти кај институциите, како и поддршка на граѓаните во нивното барање, исклучиво за системски промени и зголемување на безбедноста на граѓаните, но и доследно почитување на Уставот и законите.
„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции. Вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот“, се наведува во соопштението од Здружението на судии.
Министерот за правда, Игор Филков неодамна ја разреши судијката Даниела Алексовска Стојановска од работната група во Министерството за правда. Судијката била дел од работната група која е формирана во декември 2020 година, за измените на Кривичниот законик. Според Филков, ова го прави со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за реформите во правосудството. Судијката била дел и од активизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. За него имало судска постапка за недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство за што со одлука на Алексовска Стојановска бил упатен во казнено-поправен дом.